Црвена Звезда и Партизан одиграа меч за паметење во полуфиналето од Купот на Србија што традиционално се одржува во Ниш, на триумф се радуваа „црвено-белите“ кои со феноменален пресврт се вратија од огромна негатива и го визираа пласманот во големото финале (75-83). АБА-шампионот беше на раб на амбисот, губеше со 18 поени негатива, но успеа експресно да се врати и да стигне до голема победа, оставајќи ги во шок противничкиот тренер Жељко Обрадовиќ и неговите избраници.
Партизан беше далеку подобар противник во првото полувреме, во кое Црвена Звезда се мачеше со шутот од далечина, погодувајќи само една тројка од дури 12 обиди. „Црно-белите“ знаеја како да го искористат тоа, а фрустрациите на актуелниот АБА-шампион најдобро беа отсликани кога тренерот Душко Ивановиќ набрзина доби две технички грешки и беше исклучен во втората четвртина. Партизан играше импресивно, поведе со огромни 18 поени предност (44-26), но потоа неочекувано застана во последните минути од полувремето и му дозволи на противникот да се приближи на десет поени разлика (44-34).
Црвена Звезда овој фуриозен финиш на втората четвртина го искористи како мотивација за големиот пресврт во второто полувреме. „Црвено-белите“ почнаа да погодуваат од далечина, дел од кошаркарите на Партизан влегоа во проблеми со лични грешки, а Црвена Звезда предводена од одличниот Петрушев целосно се врати во мечот. Избраниците на Ивановиќ ја завршија третата четвртина со предност од 58-59, по што заиграа уште подобро на стартот од четвртиот период, поведувајќисо 60-69 со тројката на Недовиќ.
При овој резултат дојде до подолг прекин откако судиите се повлекоа во соблекувалните по фрлањето на тврди предмети на теренот. Оваа пауза не ги исфрли од ритам „црвено-белите“, кои преку Лука Митровиќ стигнаа и до двоцифрено водство од 75-64, но Партизан успеа да се приближи и со тројката на Пантер на две минути до крајот намали на 77-73. Вилдоза изнуди прекршок при обид за тројка од Лесор и погоди три „пенали“, по што следеше грешка на Партизан, па положување на Бентил, за на крајот Црвена Звезда да слави со конечни 75-83.
Црвена Звезда за противник во големото финале ќе го има тимот на Мега, кој во првото полуфинале го совлада составот на ФМП со убедливи 86-67/
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

