МЗТ Скопје може до историја: Аеродром се подготвува за двојно славје!

МЗТ Скопје може да се запише во историјата на македонската кошарка како клуб кој првпат освоил трофеи од Купот на Македонија и во машка и во женска конкуренција.

Првпат и во историјата на мак-кошарката може да се случи машка и женска екипа од ист клуб да дојдат до трофејот во исти ден.

Кошаркарите на МЗТ Скопје, вечерва од 19:30 часот во СРЦ „Кале“, се големи фаворити во дуелот со Феникс 2010 и ќе се обидат да избегнат сценарио како она од минатата година кога исто така беа видени освојувачи на пехарот, а сепак загубија од ТФТ. Доминацијата што ја покажа шампионот во полуфиналето, исто против ТФТ, одамна не е видена во домашната кошарка и ако „аеродромци“ успејат да го повторат тоа издание, пехарот сигурно ќе се врати во Аеродром по пауза од една година.

Кошаркарите на Феникс, пак, веќе го остварија она по кое што дојдоа на завршницата од Купот. Но кога се веќе на последното скалило, ќе се обидат да го искористат тоа и да направат нова сензација. Засилен со неколку одлични и пред се, искусни кошаркари, со Бојан Трајковски кој е во одлична форма, Феникс 2010 покажа дека може да игра против секого, па зошто да не и со најсилната екипа во Македонија.

Пред машкото финале, од 16:30 часот, во СРЦ „Кале“ ќе се одигра и мечот за трофејот во Купот на Македонија во женска конкуренција. И тука во полуфиналето имаше изненадување, МЗТ Скопје го елиминираше Вардар, па си закажа средба со актуелниот бранител Баскет Кам.

Избраничките на Вела Красниќ испишаа историја со самиот пласман, се вратија од негатива и слично како Феникс испратија порака дека фавортите не победуваат секогаш.

„Ова е наш голем успех, се радуваме на влезот во финалето. Возрасната граница е голема меѓу првите пет и останатите членови на екипата, тие се деца од 2007, 2008, 2009 годиште. За финалето, се надевам на добра игра затоа што ова беше меч со висок интензитет. Ќе видиме што ќе биде во финалето со Баскет Кам 2011 и кој ќе ги искористи своите предности. Јас секогаш велам да одиграме, да покажеме што знаеме и после да коментираме“ – вели Красниќ пред финалето.

За прв пат во еден натпревар во кој се доделува трофеј во сениорска конкуренција ќе игра и Марија Митева.

„Пред се, едно големо браво за нас. Не се откажавме во ниту еден наврат во мечот иако губевме, верувавме во себе дека ќе направиме пресврт. Се надевам дека ќе се покажеме во добро светло во финалето против Баскет Кам кој знае како е да се игра финале и дека ќе ги спроведеме сите барања од нашиот тренер“ – истакна Митева.

Се вчитува...