МЗТ Скопје по една година пауза го врати куп-трофејот во своите клупски витрини, откако аеродромци во вечерашното големо финале славеа над Феникс со резултат 89-73. Кошаркарите на Феникс дадоа се од себе за да приредат ново изненадување, но класата и искуството на „металците“ беа пресуден фактор во ова финале, за МЗТ уште еднаш да ја демонстрира својата доминантна моќ на домашната кошаркарска сцена.
„Металците“ тргнаа на крилата од извонредниот полуфинален триумф над ТФТ, па со извонредна прва четвртина и денеска стигнаа до одлично водство. По само пет минути игра МЗТ Скопје имаше двоцифрена позитива (16-5), а првата четвртина актуелниот шампион на Македонија ја заврши со импресивни 28-14. Феникс конечно заигра подобро во нападот во вториот период, намалувајќи на 37-27 во 15. минута, а веднаш потоа со тројката на Димчевски и стигнувајќи до 37-30.
Младиот состав на Феникс замина на одмор со 11 поени негатива (48-37), за последниот обид за камбек да го има во третиот период. Тогаш по положувањето на Димчевски и слободното фрлање на Трајковски (по техничката грешка на клупата на МЗТ) разликата се спушти на само четири поени (64-60), но „металците“ во своите редови ги имаа Војдан и Дамјан Стојановски, кои до крајот на четвртината ја вратија разликата на удобни „плус десет“ (71-61). МЗТ Скопје знаеше како рутински да ја задржи предноста до самиот крај и конечните 89-73, за нов, единаесетти куп-трофеј во клупските витрини на аеродромци.
Миќовиќ со 20 поени беше најефикасен во победничката екипа. Војдан Стојановски повторно беше одличен со 16 поени, 7 скокови и три украдени топки, а Вер го заврши финалето со 13 поени и 8 асистенции. Бојан Трајковски беше најдобар поединец кај Феникс постигнувајќи 22 поени, еден помалку од Димчевски, кој стигна до 21 со само еден промашен шут.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА