Андреј Митревски со одличните партии на целиот турнир од Купот на Македонија покажа дека е играч пред кого е блескава иднина. Младиот бек на Феникс постигна девет поени и шест асистенции во големото финале, но што е уште поважно, собра драгоцено искуство што сигурно ќе биде многу значајноз а него во натамошниот дел од кариерата.
„Со оглед на тоа дека е наше прво финале и ние сме млада екипа, ова е големо искуство за Феникс. Ова не е пораз, туку голема лекција за нас во натамошниот дел од нашите кариери и за Феникс како клуб. МЗТ Скопје многу подобро влезе во натпреварот, ние бевме премногу исплашени во почетните минути. Успеавме да се приближиме, но МЗТ е премногу искусна екипа за да дозволи таков пресврт во едно финале“, го прокоментира текот на мечот за трофејот младиот ас на Феникс.
Тој во изјава за МТВ откри дека негов кошаркарски идол во детството бил токму МВП-кошаркарот од овој завршен турнир, Војдан Стојановски.
„Уште од мал го следам Војдан, додека растев го гледав како игра и среќен сум што сега ми се укажа шанса и да настапам против него. Тој дефинитивно е мојот најголем кошаркарски идол од Македонија“, истакна Митревски.
Тренерот Денис Дервишевиќ потенцираше дека самиот пласман во финалето е огромен успех за овој млад клуб, чиј приоритет останува развојот на младите македонски играчи.
„Имаме играчи во екипата за кои ова беше прво финале, затоа и се случи оној грч на почетокот. Како што минуваше времето, така влегувавме во ритам, но за жал не беше доволно за да направиме пресврт. Наша цел како клуб е да произведуваме наши играчи, тие да добиваат шанса во КК Феникс и да се развиваат. Јас на почетокот реков дека дојдовме да играме финале, тоа го остваривме и пресреќни сме поради самиот пласман. Секако дека сакавме да победиме и во финалето, но не успеавме во тоа. Му честитам на МЗТ Скопје за овој трофеј и му посакувам многу среќа во АБА-лигата, Македонија заслужува да има учесник во АБА1 и искрено се надевам дека МЗТ ќе успее да обезбеди опстанок. Наша цел како клуб е да стигнеме до пласман кој ќе го одведе Феникс во АБА2, за да можеме да ги претставиме нашите млади кошаркари и на регионалната кошаркарска сцена“, изјави Дервишевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА