Здравковски капитен, Чеде тренер – добитна комбинација за АЕЛ Лимасол

Екипата на АЕЛ Лимасол изминатиот викенд го зедоа „скалпот“ на лидерот на табелата на Кипар, тимот на АЕК Ларнака. И покрај тоа што АЕК отпатува како фаворит со Иван Тричковски во составот, сепак, на крајот мораше да го „положи“ оружјето пред тимот предводен од Давор Здравковски како капитен, и Чедомир Јаневски како тренер.

Дека Јаневски тешко може без Македонецот на теренот покажуваат резултатите. Таму некаде кон крајот на октомври и почетокот на ноември, АЕЛ имаше серија на лоши резултати, а Здравковски добиваше шанса или од клупата, или воопшто не се наоѓаше на теренот. Во миговите кога Јаневски се одлучи да го врати Здравковски, почнаа и добрите резултати.

Не само што го совладаа тимот на АЕК Ларнака, туку пред неколку кола АЕЛ го совлада и АПОЕЛ, уште еден конкурент за титулата во Кипар.

Здравковски сега игра стандарно, ја предводи екипата со капитенската лента во која играат екс-премиерлигашките играчи Александар Качаниклиќ, Садио Берахињо и Кевин Миралас, и е во супер форма. На последните 11 средби, тимот има седум победи, едно реми и три порази. Особено треба да се истакне дека АЕЛ на последните осум натпревари на домашен терен, има седум победи и едно реми.

Здравковски е екс младински репрезентативец на Македонија, а со оглед на формата, нема да биде изненадувачки да добие повик и во А националниот тим за мартовските натпревари против Малта во квалификациите, и за пријателскиот меч против Фарски Острови.

Се вчитува...