Дејан Радоњиќ и официјално повеќе не е тренер од Панатинаикос, откако „зелените“ од Атина денеска го договорија доаѓањето на новиот кормилар на ПАО.
Откако не успеаја да го убедат Поцеко да дојде на клупата на Панатнаикос, челниците на клубот се решија да го доведат домашниот стратег Кристос Серелис. Станува збор за 48-годишен стручњак што доаѓа од прволигашот Лаврија, а кој минатата сезона беше дел од стручниот штаб на ПАО, како помошник на Јоргос Воворас.
Како што најавуваат грчките медиуми, планот на раководството е Серелис да го води тимот до крајот на сезонава, но потоа да остане во клубот како прв асистент на звучно тренерско име кое сигурно ќе биде донесено во текот на наредното лето. Главна желба на ПАО е долгогодишниот стратег на Реал Мадрид, Пабло Ласо, со кого се преговараше и во изминатите денови, но Шпанецот јасно ставил до знаење дека следниот работен ангажман ќе му биде од стартот на наредната сезона.
Доколку не успеат да го убедат Ласо, челниците на Панатинаикос имаат и неколку резервни опции, како Перасовиќ од Уникс Казањ, Чави Пасквал од Зенит, а лесно може да се случи и ПАО да тргне во офанзива по Шарунас Јасикевичиус, доколку се реализираат најавите дека Литванецот најдоцна до крајот на сезонава ќе си замине од Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА