Македонската кошаркарска репрезентација е на чекор до изборување на директен пласман во главните квалификации за Евробаскетот 2025. По четири одиграни натпревари во претквалификациите сениорите предводени до Александар Јончевски имаат перфектен скор од четири победи, но за осигурување на првата позиција потребна е уште една победа.
Шансата за исполнување на амбицијата „црвено-жолтите“ ќе ја имаат во четврток од 18 часот во Левице каде и гостуваат на Словачка. Шанса за првата позиција на табелата имаат и Словаците кои загубија во Скопје па против нашата репрезентација ќе бараат одмазда и победа со пет поени разлика. Затоа селекторот Арамис Наглиќ вели дека дуелот со Македонците нема воошто да биде пријателски.
„Подготвени сме за игра. Кога ќе почувствуваш победи како во претходниот квалификациски прозорец мора да има добра атмосфера. Мотивирани сме. Македонија ни е прв предизвик. Знаеме дека мора да победиме со повеќе од пет поени и фокусирани сме за четврток. Знаеме и дека пред нас имаме добар противник со добар квалитет и искусни играчи кој е и фаворит. Гарантирам дека ќе се бориме 40 минути и дека момците сакаат да победат. Како што знам нема да игра Димитријевиќ, но ќе игра Шортс кој е еден од најдобрите играчи во Германија и најдобар поентер на Лигата на Шампиони. Тој има голем квалитет, мора да најдеме начин да го сопреме“, изјави Наглиќ.
Како потсетување, на првиот натпревар одигран во СРЦ „Кале“, Македонија имаше негатива од 11 поени во еден момент, но во финишот успеа да направи целосен пресврт за победа од огромно значење во претквалификациите.
View this post on Instagram
По натпреварот во Словачка нашите репрезентативци ги очекува уште едно гостување, на 26. ноевмри во Осло против Норвешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА