Македонската кошаркарска репрезентација по успешните два ФИБА прозорци во претквалификациите за Евробаскетот 2025 ја дели една победа од осигурување на првото место во групата кое носи и директен пласман во главните квалификации за континенталниот собир. Првата шанса за заверување на лидерската позиција избраниците на Александар Јончевски ја имаат веќе во четврток кога и гостуваат на Словачка.
„Црвено-жолтите“ во драматичен натпревар во СРЦ „Кале“ успеаја да се вратат од двоцифрена негатива за победа, а во Словачка сега ги очекува нов тежок натпревар против мотивираниот противник кој и самиот има шанса за првата позиција. Стојан Ѓуроски знае дека пред него и неговите соиграчи е тешка задача, но верува дека Македонија може да слави на гостувањето во Левице.
„Да мислев дека нема да можеме да победиме немаше да бидам тука. Знаеме дека противниците се многу тешки. Словаците играат добро дома. Засилени се и со нивниот најдобар кошаркар Бродзиански кој во последните два натпревари направи голема разлика. Но, мислам дека ние си ја знаеме нашата игра, со неколку промени во тактиката дека ќе стигнеме до посакуваната победа уште во Словачка и ќе стигнеме до првото место во групата кое не води во квалификации.
Искрено атмосферата е одлична како секогаш. Јас пристигнав скоро и немав време да се видам со соиграчите. Не гледаме на „шест од шест“, одиме од натпревар во натпревар со цел да дадеме 100 отсто па што биде нека биде“, изјави Стојан Ѓуроски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА