Охридскиот пливачки маратон оваа година на 26. август во рамките на новиот голем проект „Фестивал на водени спортови – Охрид“!

Охрид подготвува уште еден голем спортски собир кој треба да го промовира низ уште една грандиозна манифестација најголемиот природен спортски терен во Македонија – Охридското езеро. Во периодот од 18. до 27. август за првпат оваа година, а со силна тенденција да стане традиција, ќе се организира „Фестивал на водените спортови – Охрид“.

Ова е нов е проект кој е симбиоза на водените спортови, охридското природно богатство и развојот на охридската заедница, основан и во коорганизација на сите охридски клубови на вода и Општина Охрид, а во насока на дополнителна промоција на сите спортови на вода кои се повеќе од атрактивни во светот а подзаборавени кај нас, како пливањето, едрењето, веслањето, ватерполото, триатлонот, акватлонот…

„Нашата визија и мисија е јасна, обединување на сите охридски водени спортови и нивните активности, афирмација на нашето природно водно богатство – Охридското езеро и негова заштита и сето тоа во рамки на еден спортско – туристички БРЕНД со име Ohrid Water Festival (Фестивал на водените спортови – Охрид). Концептот на овој фестувал е токму тоа што треба Охрид како спортско-туристички град да го понуди на пошироката домашна и интернационална туристичко-спортска јавност“ – порачуваат од здружението на Охридскиот фестивал на спортови на вода.

Фестивалот ќе понуди многу активности за сите возрасти и сите љубители на водата и водените спортови, и тие се поделени на спортско-рекреативни, социјално-едукативни и промотивни. Главен спортски настан во рамките на фестивалот ќе биде традиционалниот, далеку препознатлив, пливачки маратон од Св. Наум до Охрид кој е закажан за 26 август.

За време на фестивалот се предвидени многу социјални активности, музика, едукација, промоции како и панел дискусија, изложби и презентација на здрава храна кои ќе бидат дел од вечерната програма од 19 до 22 часот.

Се вчитува...