Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе првиот пораз во претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако во петтото коло загуби на гостувањето против Словачка со 82-73. Кобна за поразот на нашата репрезентација беше третата четвртина во која избраниците на Јончевски реализираа со само 25 отсто од поле, а Словаците влегоа во елемент за три поени. Продолжија во ист ритам и во последната четвртина, притоа реализирајќи 14 обиди зад линијата 6,75 во текот на целиот натпревар.
Изгубените топки на нашите репрезентативци во транзиција скапо не чинеа на отварањето на натпреварот. Притоа Словачка беше расположена во обидите за три поени па домаќинот стекна предност од 11-3 по само две минути. Тајм-аутот на Јончевски вроди плод, „црвено-жолтите” заиграа сигурно во нападот и одбраната па ја вратија резултатската неизвесност (15-13), но не го задржаа моментумот. Македонија стигаше до отворени обиди, но истите не ги реализираше па не успеа да изедначи, напротив „постот” проследен со само два постигнати поени до крајот на првата четвртина го искостија Словаците да поведат со 22-15. Во воведот на втората четвртина Словачка стигна и до највисоката предност од 27-19, но како одминуваа минутите нашите репрезентативци повторно ја превземаа иницијативата. Играта „два на два” во нападот носеше лесни поени, а агресивната одбрана во рекетот тешки обиди за домаќините за предност од 29-34 по тројката на Ѓуроски. Сепак со лоша одлука во одбраната и неспортската лична грешка на Робев, Македонија ја загуби тешко стекнатата предност. Словаците постигнаа шест поени во еден напад за нова предност (37-34), а продолжија во свое темпо до крајот на првото полувреме до кое со тројката на Крајчовиќ во последниот напад поведоа со 44-38.
Реализацијата на беше во полза на двата тима на отварањето на второто полувреме. Во пет одиграни минути поени постигнуваа само Бродзиански и Шортс па Словачка ја задржа преност од шест поени. Ледот го скрши Мајарчак со обид за три поени, а Словаците продолжија да прават предност зад линијата 6,75 со кои стигнаа и до двоцифрено водство. Македонија се обиде да се врати во игра со поените во рекетот, но истите не беа доволни за анулирање на високата негатива од 61-46 по 30. минути игра. Одличниот шутерски ритам на „сино-белите“ проследен со добра одбрана продолжи и во последните десет минути па во еден момент на семафорот стореше резултат 69-48, но Македонија преку симултанката на Шортс, кој го разигра и Крстевски се врати во игра. На 1:16 до крајот при резултат 77-70, Ѓуроски промаши обид за три поени, а Мајарчак казни на спротивната страна и стави крај на надежите за пораз помал од четири разлика.
Со 23 поени и 6 асистенции Шортс беше лидер на Македонија, а него го следеше Крстевски со 14 поени и 5 скока. Како двоцифрен мечот го заврши и Маслинко со 10 поени и 5 скока. 23 поени и 6 асистенции за Словачка реализираше Крајчовиќ, 18 поени, 9 скока и 5 асистенции Бродзиански.
Македонија и покрај поразот останува на првата позиија на табелата, но за заверување на единственото место кое води директно во квалификациите за континенталниот собир потребна е победа против Норвешка во последниот натпревар кој ќе биде одигран во недела во Осло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА