Доријан Бабунски: Добрите игри од Дебрецин секогаш сакам да ги пренесам и во репрезентацијата

Македонскиот репрезентативец Доријан Бабунски се издвојува оваа сезона во дресот на Дебрецин во унгарскиот шампионат. Пролетва ја стартуваше извонредно со пет погодоци во четири кола со што го носи својот тим кон европската сцена следната сезона.

„Не само јас туку целиот тим игра во многу добра форма и тоа го покажуваат резултатите. Полн сум со самодоверба, знам што треба да правам, максимално ги исполнуваме барањата на нашиот тренер и мислам дека тоа е што ме издвојува во моментов. Мислам дека сме на вистински правец, факт е дека можеме и до второ место во првенството“ – вели Бабунски пред дербито со Ференцварош, и дополнува:

„Секако дека можеме да се надигруваме со Ференцварош и да се бориме за добар резултат. Играме дома, очекувам полн стадион, поддршка од навивачите од прва минута. Ова дерби е специјално за нас и добар предизвик. Убеден сум дека ќе одиграме добар меч“.

Доријан Бабунски е стандарден член на репрезентацијата откако селекторската палка ја презеде Благоја Милески кај кого претходно беше дел и од младата селекција. Бабунски, како што вели, секогаш сака да ја оправда довербата на Милевски затоа што од најмлади години верува во него.

„Најважно за мене е секогаш да го давам најдоброто од себе за клубот и на сите натпревари, а позитивните резултати верувам после ќе донесат и повик од репрезентацијата на Македонија“ – вели Бабунски.

Се вчитува...