Штета: Нема нова услуга од Данците – Македонија мора да слави во Осло за да биде прва во групата

Веќе нема никакви дилеми, Македонија мора да слави на денешното гостување во Осло против Норвешка (18 часот) ако сака да се задржи на првото место во групата и да обезбеди директно место во главните квалификации за Евробаскет 2025. „Планот Б“ – Данска да ни направи услуга со победа на својот меч со Словачка не вроди со плод откако Словаците со одлична игра во второто полувреме успеаја да стигнат до победата што барем за момент ги носи на првата позиција. Вистинска штета за нашиот национален состав, ако се знае дека Данците се вратија, имаа „плус пет“ на нешто повеќе од минута до крајот, но на крај Словачка славеше со минимални 71-72.

Дуелот почна одлично за данските кошаркари, кои ја добија првата четвртина со убедливи 21-12. Гостите до крајот на полувремето успеаја да се вратат, а потоа со одличната игра во третиот период (14-26) и да стигнат до удобно водство. Словачка имаше и двоцифрена предност на почетоккот од последната четвртина, Данска се врати и поведе со 65-70 на помалку од 90 секунди до крајот, но и тоа не беше доволно за триумф на домашната селекција. Словачка одговори со шест поени во низа, а Данците го промашија и последниот шут за победа, за огромна радост на гостинските кошаркари кои сега ќе чекаат услуга од Норвежаните против Македонија за да се задржат на првото место во групата.

Математиката е јасна, ако Македонија победи во Норвешка, нашите кошаркари со скор 5-1 ќе бидат први во групата. Во спротивно, Словачка и Македонија ќе имаат идентични 4-2, но Словаците во тој случај би биле први поради подобриот кош-количник во меѓусебните дуели со нашата национална селекција.

Се вчитува...