Манчестер Јунајтед по речиси шест години конечно се закити со нов трофеј откако „црвените ѓаволи“ славеа над Њукасл со 2-0 во денешното финале на лига-купот на Англија што се играше на „Вембли“. Ова е прв пехар за Јунајтед откако овој клуб под водство на Жозе Мурињо славеше во Лигата на Европа во 2017 година, најава за светла иднина за англискиот гигант по неколкуте тешки сезони.
Финалето беше решено во првото полувреме, поточно во последните петнаесетина минути од овој дел од мечот. Мечот беше израмнет се додека Кашемиро не се најде на вистинското место по слободниот удар на Шо и донесе водство на „црвените ѓаволи“.
Њукасл беше во шок, а Јунајтед го искористи тоа и постигна нов гол преку Рашфорд, кој шутираше од седум-осум метри, еден противнички дефанзивец го блокираше ударот, но топката сепак заврши над Кариус, во ситуација кога голманот на Њукасл мораше подобро да реагира. Водството беше рутински задржано до самиот крај, за конечна победа и заслужен пехар во витрините на гигантот од „Олд Трафорд“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

