Македонија најдобра кога е најважно: Лесен триумф во Осло и заслужено прво место

Македонската кошаркарска репрезентација го забележа петтиот триумф во претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако славеше на гостувањето во Осло кај Норвешка со 41-79. „Црвено-жолтите“ беа најдобри кога беше најпотребно, одиграа нов одличен натпревар пред се во одбраната против Норвежаните кои ги лимитираа на најмногу 14 постиганти поени во една четвртина и сосема заслужено го осигураа првото место во групата кое носи и пласман во главната фаза од квалификациите за континенталниот собир.

Македонија го наметна својот ритам од самото отварање на натпреварот. Добрата заштита на рекетот не дозволи поени на високите противници, а и обидите за три поени не беа во полза на Норвешка. На спротивната страна избраниците на Јончевски имаа добар проток на топката, реализираа со висока успешност од поле за водство од 8-20 по тројката на Ѓуроски. До крајот на првата четвртина опадна ритамот на нашите репрезентативци, но не се прославија ниту домаќините па „црвено-жолтите” ја задржаа двоцифрената предност (12-24). Реализацијата продолжи да биде проблем за нашите репрезентативци и во втората четвртина, но добрата одбрана не дозволи Норвешка да се врати во игра. Како што одминуваа минутите Македонија повторно го најде ритамот преку Шортс, ја задржа и контролата на скок играта, а и покрај тоа што Норвежаните реализиаа од играта „два на два“ истото не беше доволно за „црвено-жолтите“ да не стигнат до највисоките 26-45 на полувремето.

Високиот пресинг и зонска одбрана на Норвешка не вроди плод на самото отварање на второто полувреме, Македонија најде реализација од полудистанца па стигна и до тогаш највисоката предност од 23 поени (28-51), но како одминуваа минутите повторно падна ритамот во нашиот напад. Овој пат истиот рецепт на домашната селекција донесе тешки обиди за „црвено-жолтите” преку кои Норвешка намали на 32-51, но враќањето на Шортс донесе стабилност, а соработка со Маслинко во нападот и стави крај на постот па до крајот на третата четвртина и највисока предност од 36-60 пред последните десет минути. Истите беа само формалност во кои од клупата добија шанса сите наши кошаркари, а истите дополнително ја зголемија предноста за уште поубедлива победа.

Со 22 поени, 6 скока и 5 асистенции Македонија ја предводеше Ти-Џеј Шортс, а него го следеше Војдан Стојановски со 16 поени и 5 скока. Харалд Фреј беше лидер на Норвешка со 10 поени и 3 скока.

Се вчитува...