Милан ја реши Аталанта, се врати и големиот Златан Ибрахимовиќ

Милан се искачи на делба на второто место на калчолигашката табела откако актуелниот првак славеше со 2-0 на вечерашното дерби против Аталанта.

Натпреварот беше решен со автогол на гостинскиот голман Мусо, кој немаше среќа откако топката по ударот на Тео Ернандез заврши во дирекот, го удри во грбот и се стркала назад во мрежата.

Милан и по постигнатиот погодок продолжи да доминира, создаде бројни шанси, а дури во финишот и по вторпат да го матира Мусо кога Месијас одлично втрча од позадина и ја смести топката во мрежата.

За одбележување е и камбекот на Златан Ибрахимовиќ, кој влезе во игра во 74. минута, по долгата рехабилитација по тешката повреда на коленото. Нема сомнеж дека Златан ќе биде значаен адут на „росонерите“ до крајот на сезонава, во која Милан го очекува битка за второто место со Интер (моментно се израмнети со по 47 бода), ако се знае дека Наполи веќе е недостижен со 18 бода предност во однос на калчолигашите од Милано.

Се вчитува...