По десетти пат Прилеп и неговата околина, во недела на 5 март, ќе бидат домаќини на првиот и најголем интернационален настан во планинско трчање во Македонија – Крали Марко Треилс – „По стапките на Крали Марко”. Настанот претставува комбинација од две трки во планинско трчање со различни должини кои се одвиваат по околината на Прилеп.
Крали Марко Треилс е меѓународен спортско-рекреативен настан кој на уникатен начин ја претставува македонската култура и традиција и придонесува во развојот на авантуристичкиот туризам во нашата земја. На овогодинешното издание на Крали Марко Треилс пријавени се околу 200 учесници од 10 држави. Настанот ќе биде потпомогнат со 40тина волонтери, од Извидничкиот одред ФЕНИКС од Прилеп придружени од други општествено одговорни граѓани од Прилеп и Скопје. Грижата за безбедноста и здравјето на натпреварувачите е препуштена на мобилен тим од спасувачи во планина од Прилеп како и на две статични медицински екипи.
Култната трка „Камена Баба Треил“, започнува од во Амфитеатарот во населба Варош во Прилеп во 9 часот утрината и ја следи патеката до Манастирот Трескавец и оттаму продолжува низ вонземски карпести предели преку Камена Баба и врвот Единак во 35 км и 1900 метри вкупно искачување.
Најстарата планинска трка во Македонија наречена „Трескавец Треил“е долга 18км со 1,000 метри вкупно искачување стартува во 11 часот во Амфитеатарот и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги носи тркачите кон Манастирот Трескавец (13 век) и потоа назад по друга патека во Прилеп.
Најбрзите натпреварувачи и на двете трки се очекуваат од 12:30 часот, а церемонијата за победници ќе биде во 15:00 во Амфитеатарот. Ја повикуваме јавноста да го искористи денот за прошетка и да ги бодри натпреварувачите вдолж патеката. Исто така, и да присуствува на стартно-целната рамнина и да им честита на успешните финишери.
Патеките на Крали Марко Треилс врват низ споменикот на природата и заштитено подрачје Маркови Кули во планинскиот огранок на планината Бабуна, околу твдината Маркови Кули, Манастирот Трескавец, Камена Баба, Единак, Кукул… Овој вонземски пејсаж, препознатлив по карактеристичните карпи кои се составени од богатство на облици, се должи, пред се, на геолошкиот состав на теренот – метаморфни карпи-гнајсеви кои се пробиени од помладите гранити-гранодиорити.
Крали Марко Треилс изобилува со митски и духовни мотиви кои го одземаат здивот и ве тераат да доаѓате повторно. Настанот во вистинска мера го претставува духовното и културно наследство на пелагонискиот регион во Македонија. Векови подоцна овие трки се уникатна можност да се следат стапките на Крали Марко, да се истражува и да се стане современ херој!
Со ова, спортско-рекреативниот настан ги комбинира и прикажува некои од најубавите туристички и културно-историски вредности на прилепскиот регион, а посетеноста од голем број странски тркачи го покажува потенцијалот за авантуристички туризам што овој крај го крие.
Крали Марко Треилс е во организација на Здружението за спортови во природа ТРЕКС од Скопје, кое исто така е организатор на други популарни трки во планинско трчање во Македонија како што се Водно-Матка Треилс, Охрид Ултра-Треил и Струмина Треил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА