Капитенот Војдан Стојановски не го крие задоволството по успехот на македонската кошаркарска репрезентација во претквалификациите за Евробаскет 2025.
Со скор од пет победи и еден пораз Македонија го освои првото место во групата кое води во главните квалификации, запечатено со вчерашното одлично издание и триумф во Осло над Норвешка.
„Имаше некоја доза на вознемиреност откако дознавме дека Словачка стигна до драматична победа во Данска, неспорно, но и ништо страшно. Но, искрено, се чини дека тоа беше и дополнителен мотив кај сите нас, дека се е во нашите раце на средбата во Осло. Влеговме во натпреварот како што и посакувавме, многу подобро од онаа средба во Левице, кога му дозволивме на противникот шутерски да се отвори и да ни даде 15 тројки. Норвежаните се познати по добриот шут за три поени, и интенција ни беше да ги спречиме нивните главни шутери. Можеби оваа средба во Осло заличе на онаа од Гевгелија, кога навистина ги исполнивме сите задачи во дефанзивата, каде и посветивме доста поголемо внимание. Добриот почеток беше основа и за добра игра“– анализира Стојановски.
И играњето „под притисок“ не донесе и дополнителни проблеми во реализација на планираното на теренот.
„Она што е извесно е дека оваа екипа покажа карактер. Јасно е дека не беше лесно да се ‘префрлиме’ во Осло по оној пораз во Левице. Но игравме со уште поголема верба во сопствените можности. А како одминуваа минутите на површина излезе и нашиот квалитет. Реално доста поголем од оној кој го имаат Норвежаните. Ниту во еден момент не им дозволивме да се надеваат на некое изненадување, и мирно го привршивме натпреварот во кој ја оправдаме улогата на фаворит“ – дополнува еден од најискусните во ростерот на „црвено-жолтите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА