„Благословени сме што го имаме Јокиќ во тимот“

Никола Јокиќ одигра нов неверојатен натпревар во НБА лигата. Српскиот интернационалец го предводеше Денвер до победа од 132-110 против Хјустон во натпревар во кој го запиша и јубилејниот 100. трипл-дабл учинок проследен со 14 поени, 11 скока и 10 асистенции за 27 минути на паркетот.

Со тоа центарот на Денвер стана само шесттиот играч во историјата на НБА лигата кој успеал да стигне до троцифрен број на трипл-дабл учиноци. За јубилејот говореше и неговиот тренер Мајк Малоун кој вели дека тимот е благословен што го има Србинот во своите редови.

„Не смееме да го сфаќаме здраво за готово. Долго сум во оваа работа и знам колку работите можат брзо да се променат, затоа мораме да го цениме во тоа што го прави. Тоа што се споменува во контекст со сите овие историски достигнувања само не потсетува колку сме благословени што имаме играч во тимот како Јокиќ. Колку е тој талентиран, колку само постигна на паркетот, а притоа и колку е скромен.

Му ја дадов топката за спомен на јубилејот и мислам дека му беше срам. Не сака да биде во центарот на вниманието и затоа е посебна личност. Посебен син, посебен брат, посебен татко и посебен маж. Тој е единствената личност која не сака внимание од јавноста, не сака ни заслуги, туку само да си ја заврши работата и да му донесе шампионски трофеј на својот тим“, вели Малоун.

Се вчитува...