Трансферот на Решат Рамадани од Шкендија во Динамо Киев несомнено е најголемиот во овој преоден рок. Младиот талент од тетовскиот тим ќе игра за украинскиот гигант, а вчера потпиша 5-годишен договор со Динамо. Трансферот беше реализиран преку Горан Попов, кој во минатото играше токму во Динамо, а сега работи како менаџер во неговата агенција ГП3 менаџмент.
Рамадани истакна дека е многу среќен што ќе настапува во големиот Динамо Киев. За клубот играчот од средниот ред вели дека е најдобриот во Украина, и дека е воодушевен од тоа што видел какви храбри луѓе има во земјата и покрај ситуацијата во која се наоѓа.
„Многу сум среќен што се приклучувам во таков голем тим како Динамо Киев. Ова е клуб на нивото на големите европски тимови, ова е најдобриот клуб во Украина. Знам дека има војна во Украина, но за време на мојот престој тука се уверив дека луѓето се храбри и дека им се восхитува целиот свет“, рече Рамадани.
Рамадани ги мина сите младински категории на Шкендија. Има и настапи за младата репрезентација на Македонија, а овој трансфер можеби ќе му овозможи и повик и во А националниот тим за мартовските натпревари против Малта во квалификациите и против Фарски Острови во пријателски меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

