Струга ТЛ сосема неочекувано по само две кола во пролетниот дел од првенството се одлучи да го разреши тренерот кој ги донесе најголемите успеси на клубот а ги остави и стружани на лидерската позиција на табелата во шампионатот, Срѓан Захариевски.
Па, за нов тренер на клубот е именуван Шпетим Дуро за кого овој ангажман, исто така, дошол неочекувано.
„Секако дека дојде неочекувано повикот, по завршувањето на соработката со поранешниот тренер, два дена подоцна ме контактираа челниците на Струга ТЛ и по разговорите брзо најдовме заеднички јазик“ – вели Дуро по првиот одработен ден меѓу стружани.
Лидерското место во првенството и битката за титула, како и битката за трофејот и во Купот на Македонија секако се предизвик за новиот тренер.
„Секако дека предизвикот е тука како и одговорноста кога се работи во ваков амбициозен клуб кој е лидер, па и заминувањето на тренерите. Дури и јас кога сум бил со одлични резултати, имаше случаи да заминам. Заминувањето на тренерот понекогаш не е само поради резултатите, има и разни други фактори. Таква е тренерската професија“ – вели Дуро притоа објаснувајќи зошто ја прифатил понудата.
„Веројатно една од главните причини зошто ја прифатив оваа понуда е препознавањето на многу играчи кои денес ги има Струга ТЛ, а со кои сум соработувал во Шкендија, Партизан од Тирана, Кукс… Секако и фактот дека за многу кратко време Струга ТЛ дојде на врвот во фудбалот, што доволно зборува за сериозноста и професионалноста на раководството на клубот. Фудбалерите со кои сум соработувал се многу, Бесарт Ибраими, Бујо Шабани, Марјан Радески, Бесмир Бојку, Едис Малиќи, но и други фудбалери…“
Очекувањата за сезоната која следи и битката на двата фронта?
„Да, секако, ние сме тим кој моментално е лидер и се бори на два фронта, и за титулата, но истовремено и за Купот на Македонија“ – вели Дуро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА