Тебас: Репутацијата на Премиер-лигата е на испит по „случајот Сити“

Кредибилитетот на Премиер лигата е на тест по отворената постапка против Манчестер сити, смета првиот човек на Ла лига Хавиер Тебас. Манчестер Сити е обвинет од Премиер-лигата за повеќе од 100 прекршувања на финансиските правила по четиригодишна истрага.

Како некој кој е познат како долгогодишен критичар на се што прави Манчестер сити и кој верува дека, заедно со Пари Сен Жермен ја претставуваат најголемата закана за фудбалскиот екосистем во Европа, Хавиер Тебас верува дека Премиерлигата е на голем тест во оваа ситуација.

Тој вели дека начинот на кој Премиер-лигата ќе се справи и ќе го реши овој случај ќе ја одреди иднината на самото натпреварување.

„Сето тоа е поврзано со угледот и кредибилитетот на самата Премиер лига. Ваквите работи имаат големо влијание врз спонзорите бидејќи репутацијата е поважна од било што друго. Уште во 2017 година ја критикував работата на Манчестер Сити и Пари Сен Жермен и тогаш реков дека УЕФА треба да го казни Сити. Тогаш добив повик од извршниот директор на клубот, Феран Сориано, кој беше бесен на мене и побара да се извинам. УЕФА ги казни двата клуба. Сити беше исфрлен од европските натпреварувања. Се промени само поради Судот за спортска арбитража. Сето ова датира од 2017 година и од тогаш не сме напредувале. Премиер-лигата е најдоброто натпреварување во светот, но важно е да се зачува нејзиниот углед во економската сфера. Ако сето ова беше решено порано, Премиер-лигата ќе имаше поголем кредибилитет“, изјави Тебас.

Се вчитува...