Петров: Португалците играат квалитетен ракомет, ние ќе мораме да го дадеме најдобро од себе

Костадин Петров ќе добие уште позначајна улога на пивотменската позиција во македонската репрезентација по откажувањето на Жарко Пешевски за двомечот против Португалија.

Ракометарот на Алкалоид имаше солиден настап на последното СП во Краков, а се очекува во ист стил да продолжи во наредните репрезентативни предизвици. Петров им ја препушта фаворитската улога на Португалците, но верува дека нашите ракометари ќе можат да ги искористат слабостите на противникот.

„Знаеме дека Португалија напредуваше многу во последните години и играат многу квалитетен ракомет. Тие ќе бидат фаворити на овие два натпревари. Ние ќе мораме да ги искористиме најдобро што можеме нашите добри страни. Имаме време да се подготвиме, почнавме со тренинзи. Ќе ни недостасуваат повредените соиграчи, но без оглед на сѐ ние кои ќе бидеме на терен, ќе мора да го дадеме максимумот, да одиграме машки, цврст ракомет. Португалија е екипа и репрезентација со висок ранкинг, имаат и тие слаби страни. Не се сомневам дека селекторот и нашиот стручен тим ќе ги анализираат добро и ќе имаме добра тактика на тие натпревари. Првенствено, да го извадат најдоброто од нас на терен“, изјави Костадин Петров.

Првиот меч меѓу Македонија и Португалија се игра в четврток во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а реваншот е закажан за недела во Порто.

Се вчитува...