Македонските ракометари го интензивираат темпото на подготовки во пресрет на утрешниот прв натпревар од двомечот со Португалија, кој ќе го реши освојувачот на првото место во квалификациската група за ЕП 2024.
Добра вест за нашиот национален тим е враќањето на Мартин Велковски, десниот бек кој имаше неколку незгодни повреди, но сега се враќа во посакуваниот ритам и сигурно ќе му биде од помош на селекторот Кире Лазаров.
„Секогаш е убаво чувството кога ќе се вратиш во репрезентацијата, ќе тренираш и ќе играш во дресот на националниот тим. Се надевам дека проблемите со повредите дефинитивно ги оставам зад себе, полека се враќам во натпреварувачки ритам, добивам поголема минутажа во клубот и со тоа си ја зголемувам и самодовербата. Можам да кажам дека во моментов не сум на нивото на кое бев пред повредата, но работам напорно и се стремам за што поскоро да го достигнам тоа ниво, да се вратам во старата форма“, вели Велковски.
Тој се осврна и на утрешниот противник, селекција што исто како и Македонија, во првите две кола забележа две рутински победи.
„Направивме анализа за играта на Португалците, како во нападот, така и во одбраната. Знаеме дека тие одиграа квалитетно на последниот светски шампионат, но фокусот треба да биде на нашата игра. Нема потреба од преголем респект, најважно е ние да излеземе на терен, да го дадеме нашиот максимум и се надеваме дека со тоа ќе стигнеме до позитивен резултат“, изјави Мартин Велковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА