Откако пропушти две шанси за да избие на лидерската позиција, шампионот Шкупи има трета „топка“ за првото место на табелата. Но, сега задачата на избраниците на Гоце Седлоски ќе мора да го победат во директниот дуел тимот на Струга ТЛ и тоа на негов терен. Моменталниот лидер на домашен терен сезонава не знае за пораз, а доживеа „турбуленции“ кога се одлучи да го смени шефот на стручниот штаб, и на местото на Срѓан Захариевски да го назначи Шпетим Дуро.
Ако за Шкупи ова е дуел да се избие на челната позиција на табелата, тогаш за Струга ќе биде можност да се одлепи од својот ривал, и да се ослободи барем малку од притисокот кој го прави чаирскиот тим.
„Досега се оди добро со подготовките за дерби натпреварот со Шкупи. Среќна околност е тоа што немаме повреди. Работевме максимално цела недела, па верувам дека сме подготвени да ја дочекаме оваа супер пресметка. Верувам дека секој од нас ќе даде максимум за тимот конечно да дојде до победа.Со новиот тренер сите играчи даваат максимум на тренинзите, само за да се покажат, па секој од нас кој ќе го преземе доверба на тренерот Дуро, верувам дека ќе дадам се од себе и ќе му помогнам на тимот да ја постигне целта“, изјави Буњамин Шабани.
Шкупи, пак, по двата кикса против Силекс и Академија Пандев, сега ќе мора да излезе од оваа „мини криза“ за да остане во битка за одбрана на шампионската титула.
Ако сака и Шкендија да се вклучи во борбата за титулата, ќе мора на домашен терен да го совлада составот на Работнички. Но, тетовскиот тим сезонава игра неефикасно, неубедливо. Во трите меча има само една победа и еден постигнат гол, меѓутоа екипата ќе мора да се разбуди за да остане во трката за првото место. Од друга страна Работнички доживеа само непријатен пораз од Брегалница, додека ги совлада Победа и Скопје, и ова ќе биде првата посериозна задача за „романтичарите“ во пролетниот дел од сезоната.
Интересно ќе биде и во дербито на истокот, каде Силекс ќе ја дочека Брегалница. Двата тима немаат пораз во пролетниот дел, во добра форма се, и ќе сакаат да продолжат во исто темпо. Кратовци со победа и дефинитивно се вклучуваат во битката за третото место, додека Брегалница ќе мора да триумфира ако сака да се замеша во таа битка.
Академија Пандев има лесна задача пред себе, и на домашен терен ја пречекува Победа која реди порази во оваа сезона. Македонија ЃП прва ќе го тестира Мирсад Јонуз, поранешниот селектор кој седна на клупата на Скопје пред неколку дена. Дуелот се игра во Автокоманда.
ПРВА ЛИГА, 22. КОЛО (денеска 14:00)
Струмица: АК. ПАНДЕВ – ПОБЕДА
Скопје: СКОПЈЕ – МАКЕДОНИЈА ЃП
Тетово: ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ
Кратово: СИЛЕКС – БРЕГАЛНИЦА
Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА