Конте пред ултиматум, Тотенхем веќе го избра неговиот наследник

Огромно е разочарувањето во таборот на Тотенхем по елиминацијата во осминафиналето од Лигата на Шампионите од Милан, но и од слабата форма на тимот на последните премиерлигашки натпревари. „Спарси“ се движат во погрешен правец, допрва им претстои борба за четвртото место во Премиер-лигата, а Антонио Конте ја нема веќе поддршката ниту од управата ниту од фудбалерите. Маурицио Покетино е подготвен за камбек на клупата на Тотенхем, преговорите се веќе почнати, а лесно може да се случи Аргентинецот до крајот на овој месец да се врати на кормилото на својот поранешен клуб.

Повеќе од јасно е дека Италијанецот нема да добие продолжување на договорот што му истекува на крајот од сезонава, но сега многу поверојатно е дека тој воопшто нема да се задржи на клупата до крајот на овој шампионат.

Последните информации говорат дека Конте добил ултиматум, мора да освои девет бода во следните три кола ако сака да ја доврши сезоната. Противниците на хартија се лесни, викендов Тотенхем го пречекува Нотингем, по што следат гостувања против Саутемптон и Евертон, но ова се дуели со три екипи кои водат борба за опстанок и максимално мотивирани ќе тргнат против „спарси“.

Според истите извори, газдите на клубот го чекаат следниот „кикс“ за веднаш да му врачат отказ на Конте, а за негов наследник да го именуваат Покетино. Тотенхем под водство на овој стратег стигна до финалето од Лигата на Шампионите, а по разделбата работите тргнаа на лошо, како за клубот, така и за аргентинскиот стратег, кој воопшто не се прослави во ПСЖ. Двете страни се подготвени за нова заедничка соработка, но прашањето е кога ќе почне таа, дали уште во текот на сезонава, или ќе се чека крајот на Премиер-лигата и истекот на договорот на Конте, за Покетино да седне повторно на клупата на „спарси“.

Се вчитува...