ПОЛУВРЕМЕ: Лош старт, па будење – Македонија има „минус три“ против Португалија

Ракометната репрезентација на Македонија има негатива од 11-14 по првото полувреме од квалификацискиот меч што „црвено-жолтите“ го играат против селекцијата на Португалија. Иако сериозно ослабени, нашите ракометари во големи периоди од мечот целосно му парираат на фаворитот, но јасно е дека ќе мора да заиграат уште подобро ако сакаат во вториот дел целосно да го свртат резултатот во своја полза.

Македонија го почна натпреварот со Митревски на голот, Цветан Кузманоски и Костески на крилните позиции, Филип Кузмановски, Џонов и Јагуриновски како бекови, додека Никола Маркоски и Костадин Петров ротираа при промените напад – одбрана за нашиот национален состав. Џонов го постигна првиот гол за почетно водство од 1-0, но потоа се соочивме со проблеми во нападот, па Португалија во 7. минута стигна до првото водство на мечот (1-2).  Цветан Кузманоски промаши зицер од крило при 2-3 кога Македонија имаше ракометар повеќе на теренот, по што гостите рутински ја одржуваа предноста.

На половина од првото полувреме, при негатива од 4-6 Лазаров се реши за промени во составот, целосно менувајќи ја бековската линија со Велковски, Митев и Ѓоргиев. Митревски одбрани неколку тешки топки, но проблемите во нападот останаа, за нецели две минути промашивме два седмерци (Цветан Кузманоски и Филип Кузмановски), па гостите поведоа со 4-8, пред Кире Лазаров да го побара првиот тајмаут на натпреварот.

Со головите на Џонов и на Велковски за момент ја вративме сигурноста во нападот, Митревски одбрани уште еден зицер, по што преку Костески од контранапад намаливме на 7-9. По реализираниот пенал на Серафимов, португалскиот селектор побара тајмаут при 8-10, но Македонија одговори со уште еден погодок, преку Петров за 9-10. Пресудно беше исклучувањето на Ѓоргиев при овој резултат, по кое гостите поведоа со 9-12. Судиите со неколку одлуки им помогнаа на Португалците, кои знаеја како да го искористат подарокот и на одмор заминаа со водство од 11-14.

Се вчитува...