Барса пак се избламира – прокоцка „плус 17“ против Фенербахче

Барселона го претрпе и вториот пораз во низа во Евролигата, губејќи на гостувањето во Истанбул против Фенербахче со резултат 81-73. Слично како и на последниот меч со Олимпијакос пред неколку дена, каталонците одиграа извонредна прва четвртина, но потоа имаа голем пад што противникот го искористи за да се врати, а потоа во финишот и да ги совлада тренерот Јасикевичиус и неговите избраници.

Барса одигра неверојатно во првите девет минути од вечерашниот натпревар, откако поведе со огромни 13-30. Фенер до крајот на четвртината преку Вилбекин намали на 18-30. Одбраната на турскиот гигант профункционира во втората четвртина во која Барселона постигна само 10 поени (19-10), со што домаќините целосно се вратија во натпреварот. Во завршните пет минути каталонците повторно целосно потфрлија во нападот, а искусниот состав на Фенербахче го искористи тоа за да слави со конечни 81-73.

Мотли со 16 и Гудуриќ со 15 поени беа најефикасни во таборот на Фенербахче, додека Миротиќ со 19 поени беше прв стрелец на Барселона, премалку за да се избегне вториот пораз во серија на каталонскиот гигант.

Се вчитува...