Бламажа на Интер: Прв пораз во историјата од Специја, трагичар е Лаутаро Мартинез

Симоне Инзаги се соочува со сериозна опасност од отказ откако Интер одигра разочарувачки на уште едно гостување, губејќи со 2-1 на гостувањето против Специја. „Нероаѕурите“ во својата историја немаа загубено од овој ривал, Специја пак беше без постигнат гол на последните пет меча пред своите гледачи, но домашните фудбалери знаеја како да ги искористат шансите и да стигнат до значајна победа. Лаутаро Мартинез беше трагичар на натпреварот, со промашен пенал во првото полувреме, по што мечот доби поинаков тек од она на што се надеваше фаворитот од Милано.

Интер го одигра фуриозно првото полувреме, во кое гостите имаа дури 15 удари кон противничкиот гол, но се беше попусто кога не успеаја да ја затресат мрежата. Најубавата шанса ја имаше Лаутаро Мартинез по досудениот пенал по десетина минути игра, но Аргентинецот не успеа од белата точка да го совлада домашниот голман. Лаутаро нешто подоцна имаше уште една убава шанса што остана нереализирана, а во 45. минута во добра ситуација се најде и левиот бек Госенс, кој промаши цел фудбал при обидот за шут од седум-осум метри.

Казната стигна во второто полувреме, кога Специја со првиот удар во рамките на противничкиот гол го совлада Ханданович. Нзола заврши огромен дел од работата добивајќи дуел и влегувајќи во шеснаесетникот, корпулентниот напаѓач потоа одигра повратна топка на која натрча Даниеле Малдини и ја смести во мрежата.

Домаќините очекувано уште повеќе се затворија, но нововлезениот Салва за момент се претвори во трагичар откако со почетничка реакција направи пенал врз Дамфрис, што Ромелу Лукаку го претвори во израмнувачки погодок.

Драмата ја достигна кулминацијата во 85. минута со третиот досуден пенал на мечот, прв за Специја, откако Дамфрис го собори Коваленко во шеснаесетникот на „нероаѕурите“. Нзола ја презеде одговорноста и биеше сигурно за 2-1, за еуфорија меѓу домашните навивачи и значајни бодови во ботбата за опстанок.

Ова е лоша увертира пред реваншот со Порто во осминафиналето од Лигата на Шампионите, на кој евентуален неуспех ќе значи и сигурен отказ за Инзаги.

Се вчитува...