Силекс дојде и до третиот триумф во пролетниот дел од сезоната, откако денеска во првиот меч од третиот круг во првенството, на домашен терен го совлада „жилавиот“ состав на Скопје со 3-1. Резултатот можеше да биде и поинаков, со оглед дека „пиратите“ беа опасни и се закануваа и кога имаа негатива, а им беше поништен и еден гол кој се чини дека беше чист.
Катаниќ уште во 9. минута по центаршутот на Ристевски од левата страна донесе предност за Силекс. Скопје потоа ја погоди и пречката, а се закани и од еден слободен удар кога Божиновски успеа да одбрани од под пречката. Згора на тоа на Скопје им беше поништен чист гол, откако беше видливо дека Хајдари не е во офсајд, и дека еден играч на Силекс задоцни со излегувањето.
Наградата за добрата игра на Скопје во 53. минута беше крунисана со израмнување. Центаршут од десната страна, а Хајдари со глава го совлада Божиновски.
Сепак, Силекс, успеа да се врати во предност во 74. минута. Ѓорѓиевски од левата страна проби, најпрво Рашид расчисти од гол линијата, а потоа Ѓорѓиевски од втор обид го најде патот до мрежата на Ефремов. Истиот играч во судиското надополнување со прекрасен лоб удар го совлада Ефремов, и ги постави конечните 3-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА