МЗТ со нов гостински пораз: Една добра четвртина недоволна за изненадување против Мега

МЗТ Скопје остана без триумф на гостувањата во АБА-лигата откако македонскиот првак загуби на денешниот меч во Белград против Мега со резултат 93-86. „Металците“ одиграа одлична прва четвртина, но потоа дојде до голем пад што придонесе аеродромци повторно да останат со празни раце надвор од својата сала. Денешниот пораз значи и останување на последното место на табелата, со што уште повеќе се отежнува работата во борбата за опстанок.

МЗТ Скопје не само што парираше, туку и беше подобар противник во текот на првата четвртина во која македонскиот првак го контролираше темпото, а нападот функционираше беспрекорно. Финишот од првата четвртина мина во знакот на „металците“, кои набрзина се одлепија на 20-27, за по десет минути игра резултатот да гласи 22-27, по поените од линијата за слободни фрлања што ги постигна Бранковиќ. Со тројката на Кук на самиот почеток до втората четвртина МЗТ стигна и до најубедливи 22-30, но како што минуваше времето така домаќините се полесно го наоѓаа патот до кошот на „металците“, но и во одбраната најдоа лек за избраниците на Гаги Николиќ.

Мега до крајот на полувремето успеа да направи целосен пресврт и на одмор да замине со водство од 48-42. Доминацијата на српскиот претставник придонесе водството дополнително да се зголеми, Мега на самиот старт од вториот дел стигна до првото двоцифрено водство (54-42), позитива што оваа екипа умешно ја задржуваше во текот на третата четвртина. МЗТ опасно се приближи на 76-71 по една минута игра во четвртата четвртина, по што следеше тајмаут на домашниот тренер. Шансите за камбек се намалиа по промашениот обид за цепелин на Кук при 81-73, по што Мега знаеше како да го приведе мечот до крај, славејќи со конечни 93-86.

Кефи со 18 и Вер со 17 поени беа најефикасно во таборот на МЗТ Скопје, 15 поени реализираше Кук, додека Миќовиќ го заврши натпреварот со 10 поени зад своето име.

„Металците“ во следното коло на 18 март ќе ја пречекаат екипата на Игокеа.

Се вчитува...