Трикратната олимписка шампионка во биатлон, Норвежанката Марте Олсбу Ројзеланд денеска соопшти дека поради здравствени проблеми на крајот од сезоната ќе ја заврши кариерата.
Ројзеланд минатата година го освои големиот Кристален глобус во Светскиот куп, а во Норвешка важи за најдобра биатлонка во историјата.
„Биатлонот секогаш ќе биде во моето срце и затоа со емоции најавувам дека (Осло, Холменколен) ќе биде мојата последна трка во Светскиот куп“, рече 32-годишната биатлонка.
Ројзеланд оваа сезона ја мачеа проблеми откако минатото лето се зарази со вирусот херпес зостер. Таа се врати во конкуренција во јануари и моментално е на 15. место во генералниот пласман на Светскиот куп.
На минатогодишните Зимски олимписки игри во Пекинг, таа освои три злата во спринт, потера и мешана штафета, како и две бронзи во масовен старт и поединечна конкуренција.
Во Пјонгчанг во 2018 година освои две олимписки сребрени медали во спринт и мешана штафета, а во текот на кариерата дури 13 пати освои златни медали на светските првенства.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

