Малер: Гарначо се повреди пред дебито за Аргентина

Алехандро Гарначо уживаше во моментите на слава, откако младиот Аргентинец постигна неколку значајни голови за Манчестер Јунајтед, помагајќи неговиот тим да стигне до победа, за што следеше и повик за деби во аргентинскиот национален тим.

За жал, Гарначо ќе мора да почека за да го облече дресот на „гаучосите“ откако заработи незгодна повреда на последниот меч со Саутемптон. Крилниот офанзивец настрада при една акција во противничкиот шеснаесетник, веднаш стана јасно дека проблемот со скочниот зглоб не е нималку наивен, а денеска се потврдија гласините дека ќе следи пауза поради незгодната повреда.

„Тешко е да се претвори во зборови онашто го чувствувам во моментов. За жал, нема да можам да му помогнам на тимот на наредните натпревари, во важен дел од сезоната за Манчестер Јунајтед. Исто така, разочаран сум што нема да имам можност да настапам за Аргентина, во она што ќе беше многу важен момент за мене и за моето семејство“, изјави Гарначо.

Ова е нов проблем за Ерик тен Хаг, кој на следните четири натпревари нема да може да смета ниту на помошта на Кашемиро, по црвениот картон што Бразилецот го заработи на мечот со Саутемптон, негов втор сезонава во Премиер-лигата.

Се вчитува...