Манчестер Јунајтед за приоритет во летниот преоден рок ќе има доведување на класичен голгетер кој би го наследил Кристијано Роналдо, откако Вегхорст се покажа како слабо привремено решение. Главна желба е Хари Кејн, но откако од Тотенхем порачаа дека немаат намера да го продадат капитенот, „црвените ѓаволи“ се подготвени да се свртат кон план Б во оваа потрага, а според германскиот весник „Билд“, тоа е Рандал Коло Муани од Ајнтрахт Франкфурт.
Францускиот голгетер игра во одлична форма и оваа сезона, со што се најде на листата на желби на неколку европски гиганти. Според многумина, проблем може да претставува фактот дека Ајнтрајхт бара огромни 120 милиони евра за да го продаде својот најдобар стрелец, но Јунајтед во бројни ситуации покажал дека е подготвен да обезбеди финансии за да ги исполни желбите на своите тренери. Недостигот на класична „деветка“ е очигледен во текот на целата сезона без оглед на одличната форма на Рашфорд, а откако беа потрошени 100 милиони евра на Антони од Ајакс, се очекува оваа сума да биде надмината во текот на летниот преоден рок.
Само за потсетување, Коло Муани беше трагичар на француската репрезентација на СП во Катар, откако промаши стопроцентна шанса во финишот од финалето против Аргентина што „триколорите“ потоа го загубија во пенал-рулет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

