Арсенал по голема борба беше елиминиран од Спортинг Лисабон од Лигата на Европа, па „топчиите“ сега до крајот на сезонава ќе се насочат само на трката за титулата во Премиер-лигата.
Сепак, Микел Артета се соочува со неочекуван проблем откако двајца првотимци се повредија во првите дваесетина минути од дуелот со Спортинг. Десниот бек Томијасу прв побара да биде заменет, а нешто подоцна истото го стори и францускиот интернационалец Салиба, кој сезонава игра во одлична форма и заедно со Габриел важи за столб на одбраната на „топчиите“.
„Не знам што конкретно е проблемот. Тој побара да биде заменет, кажа дека не може да продолжи. Чекаме да видиме што ќе кажат лекарските прегледи“, изјави Артета по мечот.
„Топчиите“ в недела ќе го пречекаат Кристал Палас, а ако има позитивна работа, тоа е што потоа ќе следи и репрезентативна пауза, па пулените на Артета наредниот меч ќе го играат дури на 1 април, на домашен терен со Лидс. Останува да се види дали овој период ќе биде доволен за рехабилитација на двајцата повредени, од кои Салиба е особено важен во трката за титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА