Патрик Виеира доби отказ

Патрик Виеира повеќе не е менаџер на Кристал Палас откако францускиот стратег доби отказ од функцијата по серијата слаби игри и резултати на лондонскиот клуб.

Палас моментно се наоѓа на 12. место на табелата, но со само три бода предност во однос на екипите од опасната зона, што беше доволно предупредување за претседателот Стив Периш да реагира и да донесе одлука.

„Со тешко срце моравме да донесеме одлука. Резултатите во последните месеци придонесоа да се најдеме во незавидна позиција во лигата и мораше да биде извршена промена за да го задржиме премиерлигашкиот статус. Под водство на Патрик Виеира минавме прекрасни моменти, стигнавме и до полуфинале на ФА Купот на Вембли, но за жал таа соработка мора да биде прекината“, соопшти Периш.

Менаџерската смена доаѓа пред неделното гостување против лидерот Арсенал, по што ќе следи репрезентативна пауза, период во кој Палас ќе го именува перманентниот наследник на Виеира.

Се вчитува...