Милевски: Фаворити во денешниот фудбал нема, Малта е квалитетен противник кој е во подем

Фудбалската репрезентација на Македонија утре на домашен терен ќе ја пречека Малта во премиерниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија.

Селекторот на „црвено-жолтите“ Благоја Милевски пред почетокот на квалификацискиот циклус вели дека Малта е квалитетен противник за кој има многу респект.

„Анализите што ги правевме се од нивните четири последни меча, но имаат нов селектор. Анализирани се добро играчите. Имаме квалитетна репрезентација за противник и имаме максимален респект. Сето тоа што ќе се случува утре зависи од нас самите. Ја научивме лекцијата од минатите натпревари и сметам дека сега ќе имаме повеќе успешен старт. Фаворити во денешен фудбал нема. Ќе мора да се даде максимум на секој меч. Малта е во подем, но имаме квалитет на задоволително ниво за да дојдеме до победа“, изјави Милевски.

Селекторот се наврати и на Лигата на нации во која имавме катастрофални изданија…

„Во Лигата на нации имавме проблеми со ростерот, имавме дури 12 дебитанти тогаш. Ги искористивме да воспоставиме некоја хемија и од собир во собир ја креваме формата според мене“, заврши Милевски. 

Натпреварот кој ќе се игра на арената „Тодор Проески“ во Скопје е закажан за утре со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...