Преселбата од Киелце во Барселона требаше да биде трансфер од соништата на Лука Циндриќ, но поранешниот ракометар на Вардар никогаш не се наметна како лидер во таборот на каталонскиот гигант. Како што јавува каталонскиот весник „Спорт“, токму поради тоа е донесена одлука Циндриќ на крајот на сезонава да си замине од клубот, иако се уште е под договор со Барселона.
Истиот извор тврди дека на Хрватот веќе му е соопштено дека клубот нема да смета на неговите услуги, отворајќи му ја вратата уште сега да почне со потрага по нов клуб. Честите повреди се причината поради која Циндриќ никогаш не блесна во сиот свој сјај за Барселона. Во меѓувреме, каталонците се соочуваат со значителни финансиски проблеми, па управата донела одлука токму Циндриќ од оние најплатени играчи да си замине за да не дојде до надминување на буџетот за плати.
Договорот на хрватскиот бек со каталонскиот гигант итекува во јуни 2025 година, но Барселона нема да бара отштета, туку само ќе настојува да се ослободи од богатиот договор што го има Циндриќ, потпишан на крајот од 2020 година.
Квалитетите на порашениот вардарец се несомнени, но со оглед на парите што ги заработува ќе биде интересно да се види каде тој ќе ја продолжи својата кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА