Јулијан Нагелсман неславно ја заврши авантурата како тренер на Баерн Минхен откако управата на баварскиот гигант реши да му врачи отказ на младиот стратег. Баварците долго време покажуваа трпение кога станува збор за Нагелсман и неговите тактички замисли, кои не беа најдобро прифатени од фудбалерите, но чашата со незадоволство беше прелиена по поразот од Баер Леверкузен кој значеше и губење на првото место на табелата.
Баерн веднаш по репрезентативната пауза го очекува големото дерби со лидерот Борусија Дортмунд, по што ќе следи и двомечот од четвртфиналето на ЛШ против Манчестер Сити, што беше причина за управата на актуелниот германски првак што поскоро да интервенира. Веста се уште не е официјализирана, но ја пренесоа сите релевантни германски медиуми, наведувајќи дека е познато и кој стратег ќе го наследи Нагелсман на „Алијанц Арена“.
Станува збор за Томас Тухел, одличниот германски стручњак кој своевремено ја водеше Борусија Дортмунд, а потоа имаше успешни авантури како предводник на ПСЖ и на Челси, тим со кој стигна и до титулата европски првак. Разговорите меѓу Тухел и спортскиот директор Салихамиџиќ се интензивирале по поразот на Баерн во Леверкузен и веќе е донесена одлука, овој одличен стратег да ја преземе работата во најтрофејниот германски фудбалски колектив.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

