Лапорта: Вратата на Барселона секогаш е отворена за Лео Меси

Жоан Лапорта ќе остане запаметен како претседателот во чиј мандат Лео Меси си замина од Барселона, откако не успеа да најде место во буџетот за да го регистрира Аргентинецот иако тој веќе се согласи на значително намалување на платата.

Меси се пресели во ПСЖ, но не е најсреќен таму и летово ќе биде слободен играч, по што повторно е актуелно враќањето назад на „Камп Ноу“. Тренерот Чави веќе изјави дека би бил пресреќен да го има Аргентинецот во својот тим, а синоќа на оваа тема говореше и самиот Лапорта.

„Меси е најдобриот фудбалер во историјата на фудбалот, тој е најдобриот во историјата на Барса. Сепак, тој е играч на ПСЖ и треба да го почитуваме тоа, да не говориме премногу за него. Кога дојдов во на чело на Барселона клубот се наоѓаше во многу лоша состојба, морав да донесам одлуки поради кои не бев среќен. Односот меѓу Меси и Барса треба да се крене на едно повисоко ниво поради се што се случи. Ние ќе сториме се од наша страна, едно е сигурно, вратата на Барселона секогаш е отворена за Лео Меси“, порача Лапорта.

Каталонците се соочуваат со нови проблеми поради преголемиот буџет на плати и задолженоста на клубот, надополнети со намалените приходи поради прераната елиминација од Лигата на Шампионите. Тоа ќе биде главна пречка за камбек на Меси на „Камп Ноу“, па останува да се види дали Лапорта овојпат ќе најде одговор за незгодниот проблем.

Се вчитува...