Французите ја демолираа Холандија, Србија сигурна, блесок на Ромелу Лукаку

Репрезентацијата на Франција го остави зад себе разочарувачкото финале на СП во Катар, па во првиот меч во 2023 година ја демолираше Холандија со 4-0. „Триколорите“ за само дваесетина минути постигнаа три гола, за во самиот финиш Мбапе со својо втор гол да ги крене и по четврти пат на нозе домашните фанови на „Стад де Франс“ во Париз.

Франција поведе уште во третата минута, Гризман најпрвин одзеде топка на триесетина метри од противничкиот гол, за потоа во продолжение на истата акција на асистенција на Мбапе да постигне гол за 1-0. Само шест минути подоцна веќе беше 2-0 за Франција, а стрелец беше дефанзивецот Упамекано. Ова беше прв пат Холандија да прими два гола во првите осум минути од еден официјален меч уште од дуелот со Белгија во далечната 1951 година.

Мизеријата на Куман и неговите фудбалери ја продлабочи Килијан Мбапе, кој во 21. минута ги доведе „триколорите“ до водство од 3-0. Статистиката вели дека Франција не водела со 3-0 во 21. минута од некој натпревар уште од 17 декември 1953 година, кога „триколорите“ за ривал го имаа Луксембург, меч што на крајот го добија со убедливи 8-0. Второто полувреме мина без преголеми возбудувања се до голот на Мбапе во 88. минута, со силен удар од работ на шеснаесетникот. Холандија доби пенал во судиското продолжение за да го ублажи поразот, но Мењон го запре ударот од белата точка на Мемфис Депај, за кошмарен камбек на Роналд Куман на клупата на „лалињата“.

Србија рутински ја заврши задачата на дуелот со Литванија, триумфирајќи со 2-0. Селекторот Стојковиќ се реши за ултра-офанзивна формација со Костиќ – Тадиќ – Влаховиќ – Митровиќ меѓу стартните единаесетмина, што вроди со плод за српскиот состав. Во главна улога беше Тадиќ кој го постигна првиот, а потоа и асистираше при вториот гол за Србите, дело на Душан Влаховиќ.

Тедеско имаше одлично деби на клупата на Белгија откако „црвените ѓаволи“ славеа на незгодното гостување против Шведска со 0-3. Ромелу Лукаку беше човекот на одлука со хет-трик, постигнувајќи еден гол во првото и два во второто полувреме, најава за враќање на старите победнички патеки на Белгијците по фијаското на последниот мундијал.

Се вчитува...