Бразил му забрани на Робињо да ја напушта земјата

Судот во Бразил му забрани на екс бразилскиот напаѓач Робињо да ја напушти земјата, додека не одлучи дали може деветгодишната казна затвор за силување, која е изречена од италијански суд, да ја отслужи во татковината.

Во Италија, екс играчот на Манчестер Сити, Реал и Милан е осуден на девет години затвор поради силување во 2013 година во ноќен клуб во Милано, додека бил играч на „росонерите“.

Робињо поднесе жалби до сите судови, но Врховниот суд ја потврди казната од девет години, по што италијанските власти издадоа меѓународна потерница за апсење. Но, Бразил не ги екстрадира своите државјани, па Италија побара Робињо да ја отслужи казната дома.

Поранешниот бразилски репрезентативец ја напушти Италија пред почнување на целиот процес. Играше во Турција и во Кина, а во 2020 година се врати во Бразил.

Судот му забрани на спортистот напуштање на земјата, и има задача да го предаде пасошот во рок од пет дена.

Се вчитува...