Македонската фудбалска репрезентација „слободата“ во 2. коло во квалификациите ќе ја искористи за одигурвање пријателски натпревар против Фарски Острови, вечерва во 18 часот на Националната Арена „Тодор Проески“. Селекторот Благоја Милевски ќе ја искористи за воигрување на нови варијанти пред јунските квалификациски натпревари и дуелите со Украина дома и Англија на гостински терен во Манчестер.
Селекторот Милевски нема да смета на Димитриевски, Муслиу, Адеми и Доријан Бабунски. Затоа составот ќе претрпи одредени измени во однос на натпреварот против Малта во четвртокот. Особено измените ќе бидат во одбраната, а шанса ќе добијат и оние фудбалери кои не беа во комбинација за натпреварот со Малта. Против Малта националите победија во последните 30 минути, благодарение на измените во составот и тактиката, откако првиот дел беше очаен и без ниту еден удар кон голот.
Дали Милевски овој пат ќе отстапи од своите замисли и ќе „сервира“ нова тактика ќе видиме вечерва, но селекторот на вчерашната прес-конференција најави дека оваа репрезентација секогаш и против секого оди на победа.
„Целта на Македонија на секој натпревар е да победи. Не верувам дека ќе биде нешто поразлично на утрешниот меч со Фарски Острови. И сите што се присутни во репрезентацијата ќе бидат во комбинација за утрешниот натпревар. Ќе се обидеме да дадеме минутажа на оние кои помалку ја имаат и со тоа да имаме една слика на кого можеме да сметаме во иднина. Зајков поради повреда како и Муслиу кој доби поштеда да се врати во германски Инголштад нема да бидат дел од овој меч сите други се во комбинација“, изјави Милевски.
Елиф Елмас вечерва очекува нова победа, без разлика што мечот нема натпреварувачки карактер. Тој најави дека секогаш кога се игра за селекцијата, се оди на победа, и најави дека противникот нема да биде потценет.
„Сите сме максимално мотивирани на секој натпревар кога играме за репрезентацијата. Исто ќе биде и утре. Во моментов Наполи и одличната сезона која што е зад нас не ми е важна, важна ми е Македонија и фокусиран сум на неа. Се надеваме на нов позитивен резултат, иако Фарски Острови се селекција со сериозен напредок која секако не треба да ја потцениме“, изјави Елмас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА