Олимпијакос го повлекува дресот со број „седум“ во чест на Василис Спанулис (ВИДЕО)

Дресот со број „седум“ кој го носеше Василис Спанулис во Олимпијакос ќе биде повлечен од употреба од страна на пирејскиот клуб. Популарниот „Кил Бил“ 11 години настапуваше во „црвено-бело“, а остави голема трага, не само во клубот, туку и длабоко во европската кошарка.

Тој беше предводник на Олимпијакос до двете европски титули во 2012 и 2013 година кога настапуваше заедно со нашиот Перо Антиќ, а во шампионската сезона во 2013 година го освои и МВП признанието. Спанулис осум пати беше биран во идеалната петорка на Евролигата, а во 2022 година го доби и признанието „Легенда на Евролигата“.

Спанулис и ден денеска е најдобриот поентер и асистент на Олимпијакос во Евролигата со 3.552 поени и 1.363 асистенции.

Неговиот дрес ќе биде закачен на врвот на арената „Мир и пријателство“ по свечена церемонија која е закажана за 17. септември 2023 година. На тој начин 40-годишникот ќе стане единствениот во историјата на Олимпијакос кој добил ваква чест.

Се вчитува...