Лионел Меси е подготвен да си замине од ПСЖ на крајот на сезонава, а раководството на клубот кренало раце од намерата да го задржи големиот ас во своите редови. Проблемот е финансиски, па иако „светците“ имаат огромни финансиски ресурси, се соочуваат со санкција за прекршување на финансискиот ферплеј поради што ќе мора значително да ги намалат трошоците на име на плати за наредната сезона.
Преговорите со Меси траат со месеци наназад, но како што одминуваше времето, така се поголеми стануваа шансите дека двете страни нема да најдат заеднички јазик. Според последните информации од Франција, „светците“ донеле одлука за прекин на разговорите, се со цел погледите да се насочат кон потенцијалните засилувања кои би биле ангажирани како замена за Аргентинецот. Меси земаше плата од 40 милиони евра по сезона, но не ги оправда очекувањата, пред се поради фактот дека тимот не успеа да стигне до трофејот во Лигата на Шампионите.
Заедно со Меси се очекува куферите да си ги спакува и Серхио Рамос, како и Нејмар, кој ќе биде продаден доколку биде најден заинтресиран клуб за овој играч со големи фудбалки квалитети, но и проблематичен карактер. Како нивни замени се споменуваат бројни имиња, пред се Халанд од Манчестер Сити, Салах од Ливерпул, Дембеле од Барселона…
Што се однесува до Меси, главна желба останува Барса, но неизвесноста околу финансиските проблеми на каталонскиот гигант и (не)можноста за регистрирање на Аргентинецот се сериозна пречка за овој трансфер. Единствена преостаната опција за Лео во моментов е преселба во Саудиска Арабија, од каде има на маса понуда од неверојатни 400 милиони евра по сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА