Украина ќе ги бојкотира сите натпреварувања со руски спортисти

Украинските спортисти нема да смеат да учествуваат во квалификациите за Олимписките игри во Париз во 2024 година доколку треба да се натпреваруваат против Русите, соопштија од Киев.

Секретарот на Кабинетот на министри Олех Немчинов изјави дека владината одлука е донесена по предлог на министерот за спорт Вадим Хутсаит, кој е и претседател на Украинскиот олимписки комитет.

„На владината седница беше донесена протоколарна одлука на предлог на колегата Хутсаит да учествуваме на квалификациски натпревари само таму каде што нема Руси“, рече Немчинов и додаде дека националните здруженија кои ќе ја игнорираат одлуката може да бидат санкционирани.

Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во вторникот издаде препораки за постепено враќање на меѓународните натпреварувања за руските и белоруските спортисти како неутрални спортисти.

ИОК потоа ќе донесе посебна одлука за учество на руски и белоруски спортисти на Олимписките игри во Париз. Украина, исто така, се закани дека ќе ги бојкотира Игрите во 2024 година доколку им се дозволи на Русите и Белорусите да се натпреваруваат во Париз.

Се вчитува...