Сега со време почнаа подготовките за Охридскиот пливачки маратон: Учество на 30 врвни маратонци од светот!

Како не би се дозволиле минатогодишните случувања, Општина Охрид навремено ги започна подготвителните активности за организација на годинашното издание на Охридскиот пливачки маратон.

На иницијатива на Општина Охрид, Охридскиот пливачки маратон е ставен под закрила на Европската пливачка федерација и ќе се одржува во рамки на Отвореното првенство на ЛЕН. Со тоа се враќа препознатливиот сјај на маратонот, како атрактивен настан кој е интересен за професионалните напреварувачи и врвните пливачки имиња.

Вчера се одржа состанок со претставници на Националната пливачка федерација на кој се разговараше за дел од потребните технички и логистички услови за целокупната организација на оваа значајна спортска манифестација за Охрид и Република Македонија.

Маратонот годинава ќе се одржи на 26. август на патеката „Климе Савин“, во водите на Охридското Езеро. Се очекува да учествуваат околу 30 пливачи. На состанокот беше најавено дека годинешното издание ќе биде збогатено со многу новитети, кои ќе бидат значајни и за учесниците и за публиката.

За сите детали околу годинешната организација, јавноста ќе биде тековно информирана, најавија организаторите.

Се вчитува...