Член на првата шампионска генерација на МЗТ објави крај: Таа двојна круна ми е врв на кариерата

Српскиот кошаркар кој имаше успешна кариера во Македонија, Игор Мијајловиќ, денеска објави крај на професионалната кариера. Одличниот плејмејкер ќе остане запаметен како член на првата шампионска генерација на МЗТ Скопје под водство на Ацо Тодоров, кога „металците“ конечно успеаја да ја донесат премиерната титула во Аеродром.

Мијајловиќ објави дека повеќе нема активно да игра кошарка, но останува во овој спорт, овојпат како тренер…

„Тоа е се, народе… Денеска ставам точка на кариерата. Осумнаесет професионални сезони, 21 клуб, секогаш 20+ минути во игра… Благодарен сум му на Бога за здравјето, на семејството за поддршката, на пријателите, соиграчите, сите оние кои беа дел од оваа приказна.  Крај на една ера и почеток на една нова, тренерска! Ќе ги паметам убавите спомени, победите, славјата, патувањата, искрената љубов кон кошарката, поддршката навивачите. Жртвата што ја дадов беше голема, но ќе кажам само – вредеше, и ништо не би менувал“, објави Мијајловиќ.

Потоа тој имаше успешна авантура и во дресот на Кожув во Гевгелија, а требаше да настапува и во Охрид, но овој проект пропадна непосредно пред стартот на сезоната. Србинот во изјава за ЕКИПА се заблагодари за поддршката што ја добиваше додека настапуваше во макбаскетот.

„За Македонија секогаш имам само позитивни зборови, минав преубави четири години, освоив двојна круна… Секогаш се чувствував како дома, врв на кариерата некако ми беше токму во МЗТ Скопје, што резултираше со таа двојна круна, мој најголем успех во клупската кариера. Мило ми е што бев дел од сино-белото семејство, што ја почнавме таа историска серија на титула, што бев миленик на навивачите, бидејќи тоа е нешто поради што и почнав да играм кошарка, поради тој звук од трибините… Секогаш бев и се уште сум топло пречекан во Скопје и во Гевгелија, топло ми е на срцето од толку многу убави спомени и победи во овие градови. Кој знае, можеби еден ден и ќе се вратам, овојпат како тренер. Благодарност до сите во Македонија за поддршката што ми ја даваа“, порача Игор Мијајловиќ за ЕКИПА.

Се вчитува...