Реал Мадрид лесно и убедливо го совлада Валјадолид со 6-0, меч што ќе остане запаметен по извонредниот хет-трик на Карим Бензема, кој за нецели седум минути постигна три гола и уште во првото полувреме го реши победникот на овој натпревар. „Кралевите“ со овој триумф се вратија на „минус 12“ во однос на Барселона, но Карло Анчелоти мора да биде задоволен од формата во пресрет на четвртфиналниот двомеч од ЛШ против Челси.
Французинот серијата погодоци ја отвори со прецизен удар во 29. минута со погодокот за 2-0, нешто подоцна со удар надвор од шеснаесетникот успеа да зголеми на 3-0, а третиот гол за Бензема, вкупно четврти за Реал, беше мало ремек-дело бидејќи со ножички ја смести топката во мрежата.
Анчелоти во второто полувреме го повлече Бензема и на негово место во игра влезе Еден Азар, кој беше со свирежи „поздравен“ од домашните навивачи. Реал постигна и петти гол преку Родриго, но беше поништен со реакција од ВАР-собата поради играње со рака на Винисиус.
„Петардата“ сепак пукна десетина минути подоцна, кога Асенсио со удар од петнаесетина метри го матираше голманот на Валјадолид, а во судиското продолжение конечните 6-0 ги постави Васкез на асистенција на Азар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

