Конечно: Челси го отпушти Грем Потер

Навивачите на Челси вечерва имаат причина за славје откако управата на клубот реши да му врачи отказ на Грем Потер. Овој стратег беше жестоко критикуван по катастрофалните резултати што ги бележеше, но сопственик Тод Боели инсистираше да му даде шанса да го разбуди „заспаниот тим“. Англиските медиуми денеска најавија дека американскиот газда ќе го задржи Потер до крајот на сезонава, но вечерва стигна демантот – поразот од Астон вила се покажа клучен за Потер да добие отказ нецели седум месеци откако го напушти Брајтон за да застане на кормилото на Челси.

„Од името на сите во клубот, сакаме да му се заблагодариме на Грем Потер за придонесот во изминатиот период. Имаме највисоко мислење за Потер како човек и како тренер, тој секогаш се однесуваше со максимален професионализам и искрено жалиме што мораше да дојде до ваков исход“, се вели во соопштението на Челси.

Потер славеше на само 12 од вкупно 31 натпревар колку што ги водеше „сините“, што е меѓу најслабите проценти на тренерите што биле на чело на Челси во историјата на овој клуб.

Неговиот асистент, Бруно Салтор, ќе ги води тренинзите во наредните денови, а се очекува Челси во наредните денови да го избере и наследникот на Потер.

Се вчитува...