Фуриозниот МЗТ на победа до предност од домашен терен во плеј-офот

МЗТ Скопје ја запиша седмата победа во низа во Првата кошаркарска лига откако во 20. коло славеше на домашен терен против Кожув со убедливи 87-67. Гевгелискиот тим беше достоен противник 18. минути по кои следеше фурозен финиш на аеродромци со серија од 10-0 за двоцифрена предност на полувремето, предност кој беше само дополнета во вторите 20. минути со добра игра на двата дела од теренот.

Предводник на МЗТ Скопје со 14 поени беше Робев, додека како двоцифрени натпреварот го завршија и Вер со 13 поени и 7 асистенции, Крстевски со 12 поени и Војдан Стојановски со 11 поени и 5 скока. Братож беше лидер на Кожув со 16 поени и 8 скока, а по 13 поени додадоа Петровски, Колев и Ризвиќ.

За МЗТ Скопје ова е 18. победа во Првата лига со што избраниците на Драган Николиќ се најдоа на победа до осигурување на првата позиција на табелата која носи и предност од домашен терен во текот на целото разигрување за титула. Шанса за потврдување на истата актуелниот шампион ќе има во дуелот против Феникс 2010 од 21. коло.

Кожув пак по денешниот пораз нема повеќе шанси да влезе во игра за повисок пласман на табелата и во плеј-офот ќе влезе од осмата позиција.

Се вчитува...